09/06/2025

Координација во Собрание за измена на законите за нови министерства

Денеска во Собранието на Република Македонија, по финализирањето на парламентарните избори и конститутивната седница, ќе се одржи првата координација на претседателот на Собранието Африм Гаши со претставниците на партиите. Како што беше најавено ќе се договараат законите кои се поврзани со промените на министерствата во Владата.

Претходно се шпекулираше дека можна е средба на која ќе се разговара за овие активности, како и за тоа кога би можело да се одржи седница за да се промени бројот на министерства според најавите на новиот мандатар, Христијан Мицкоски.

На седницата ќе се договара динамиката на седниците на надлежните собраниски комисии, а потоа ќе следи и пленарна седница.

Пратениците треба да ги донесат законските измени за новиот Закон за организација на работата на државната управа и да се изгласа новата реорганизирана влада, како и да бидат избрани нејзините членови.
Дополнително, измените на Законот за локална самоуправа и Изборниот законик, како би се нашло преодно решение да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат, туку до одржувањето на локални избори во целата држава следната година, во оние општини каде градоначалници веќе станаа пратеници и министри. За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.

Официјални извори велат дека преговорите за состав на новата Влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ сѐ уште траат. Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, во одговор на новинарско прашање на прес-конференција рече дека сѐ уште не е ништо дефинирано околу составот на новата Влада.

Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова информираат дека неделава ќе биде доделен мандатот за новата Влада откако ќе почне да тече рокот за нејзино формирање. Во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот, мандатарот треба да го достави составот на идната Влада до Собранието, како и нејзината програма. Собранието, пак треба да ја избере Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

Споделете