Зајкова доби поддршка од членството на ЛДП

ЛДП вчера ја одржа својата прва седница на ЦО по изборите на која беше донесена одлука за давање на целосна поддршка на претседателката Моника Зајкова и раководството да ја води и застапува партијата во идните делувања во јавноста.
Во соопштението се наведува дека, како одговорна партија, ЛДП внимателно го разгледа Извештајот за подготовките, настапот и резултатите на партијата за парламентарните и претседателските избори 2024 кој беше доставен од страна на Централниот изборен штаб. ЦО го усвои извештајот, а исто така, биле детектирани и посочени слабостите кои се појавиле за време на кампањата.
Од партијата посочуваат дека во парламентот ќе дејствуваат независно како и досега, а ќе дадат поддршка на се што значи напредок на државата на реформскиот и евроинтегративниот пат и ќе носи добро на граѓаните.
-Исто така, ќе бидеме и гласни критичари на сите закони и политики кои се лоши за државата и ја враќаат назад, потенцираат од ЛДП.
На седницата ЦО го овластил Генералниот секретар да организира посета на членовите во секоја општинска организација со цел изготвување на темелна анализа за натамошното дејствување и политики на партијата.
За извештајот, анализата и сите одлуки, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана – посочуваат од Либерално-демократската партија.