09/06/2025

Кацарска ќе даде отчет за својот мандат, нејзиниот наследник ќе се знае до крајот на месецов

Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, денес на прес-конференција ќе даде отчет на тригодишниот мандат како претседател на највисокиот суд во Македонија. На Кацарска мандатот и истекува на 2 јуни и до тогаш треба да се избере нов претседател на Уставниот суд.

Според Деловникот, Уставниот суд на седница ќе избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судии преку тајно гласање.

Актуелни судии во Уставниот суд од кои на крајот од месецов некој ќе ја преземе функцијата претседател се: Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.

Секој од судиите може да предложи кандидат за претседател на Уставен суд.

Предлогот за кандидат за претседател го утврдува комисија составена од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судии.

Доколку кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови постапката за избор на претседател се повторува.

Ингеренциите на претседателот на Уставниот суд се: да го претставува Уставниот суд, ги потпишува одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд, да се грижи за спроведување на Деловникот на Уставниот суд и да врши други работи одредени со Деловникот. Во случај на отсутност или спреченост претседателот го заменува судија според распоредот на Уставниот суд по азбучниот ред на презимето на судиите.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

Споделете