09/06/2025

Репортери без граници повторно го тужат Израел

Репортери без граници (РСФ) за денес најави дека ќе поднесе нова тужба пред Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради воените злосторства извршени од страна на Израел против новинарите.

Од РСФ бараат МКС да поведе истрага за злосторствата извршени на најмалку девет палестински новинари во периодот од 15 декември 2023 година до 20 мај 2024 година.

Тие тврдат дека над сто новинари од Појасот Газа биле убиени од израелската армија.

Тоа ќе биде третата тужба за смртта на новинари во Појасот Газа пред МКС во Хаг, по оние од 31 октомври и 22 декември. Во денешната тужба се спомнуваат 8 дополнителни случаи на повредени палестински новинари и еден известувач, сите додека ги вршеле нивните должности.

Од РСФ тврдат дека има разумни причини да веруваат дека некои од новинарите биле жртви на намерни убиства, а останатите на намерни напади на израелската армија врз цивили.

Тужбата конкретно се однесува на двајца новинари на Ал Џезира, Хамза Дахдух и Мустафа Тураја, кои беа убиени во напад на нивниот автомобил во јужниот дел од Појасот Газа. Според армијата на Израел „двајцата управувале со беспилотни летала што претставувале непосредна закана за израелските војници“ и ги опиша како „терористички агенти“. Тврдењата на ИДФ беа демантирани од семејствата на загинатите и од Ал Џезира.

Споделете