09/06/2025

Тошковски: Палевски ќе биде екстрадиран најбрзо што може

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вчера попладне изјави дека во најкус можен рок ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски откако вчера од Министерството за правда соопштија дека екстрадицијата била одобрена од турските власти.

– Во текот на денешниот ден добивме информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за предметното лице, со тоа што нашите полициски службеници се во комуникација со турските колеги и се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект предметното лице кое е прогон од страна на Обвинителството на РМ, да биде изнесено пред лицето на правда, изјави Тошковски.

На новинарско прашање дали има конкретен рок кога треба да биде испорачан Палевски, Тошковски изјави дека нема конкретен рок, но дека Палевски ќе биде екстрадиран во најкус можен рок во земјава.

Минстерството за правда вчера излезе со соопштение дека има добиено официјално известување дека естрадицијата за Љупчо Палевски е дозволена. Од Министерството посочија дека бил завршен судскиот и административен дел и сега останува само да се реализира екстрадицијата.

Палевски е првоосомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Споделете