08/06/2025

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата во Македонија

На 2 мај во Женева работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП) на Советот за човекови права на ОН ќе одржи состанок на кој по четврти пат ќе ги разгледува податоците за состојбата на човековите права во Македонија, соопштуваат од медиа центарот на ОН.

-Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП, за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година, пишува во соопштението.

Работната група на УПП е составена од 47 земји-членки на Советот за човекови права, каде што секоја од 193-те земји членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.

-Документите врз што се темелат прегледите се: 1) националениот извештај – информации обезбедени од страна на државата што се разгледува; 2) информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; 3) информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество, се појаснува во соопштението.

Универзалниот периодичен преглед е процес кој вклучува преглед на податоците за состојбата на човековите права во сите 193 членки на ОН.

-Од првиот состанок, одржан во април 2008 година, сите 193 држави-членки на ОН беа разгледани трипати. Во текот на четвртиот УПП циклус, државите повторно се очекува да ги објаснат чекорите што ги презеле за да ги имплементираат препораките, добиени за време на нивните претходни прегледи, на чие следење се обврзале, како и да укажат на скорешните случувања во oбласта на човековите права во земјата, се посочува во соопштението.

Како што е најавено, делегацијата на Македонија ќе биде предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи. „Тројката“ известувачи, односно трите претставници на земјата што служат за прегледот на државата се Албанија, Бенин и Финска.

Споделете