Пешевска: Унапредување на улогата на жената во политиката

„Процесот на обучување на жените што веќе се вклучени во партијата, некои од нив на одредени функции, го спроведуваме преку својата политичка академија на Унијата на Жени при опозициската ВМРО-ДПМНЕ, конференции и обуки со меѓународни организации, форуми, здруженија, соработка со невладини организации” вели Жаклина Пешевска пратеник од Гази Баба, Скопје.
„Паралелно работиме на привлекување нови кадри, жени препознаени во своите средини, општини. Ги мотивираме да работат на себе преку образование, надградба на своите знаења и вештини за да можат да се интегрираат и во општеството и во политиката. Најголема промоција правиме преку своите активности низ целата држава во текот на целата година. Годишно имаме околу 2000 активности на централно ниво, кои ги опфаќаат сите целни групи, жени, млади, пензионери, лица со попреченост, жени-претприемачки, занаетчики, земјоделки, самохрани родители, семејства во социјален ризик, многудетни семејства. Активности посветени на актуелни теми и случувања во државата. Не е доволно жените да бидат само амбициозни за високи функции. Треба и мора да поседуваат свои способности, образование, квалификации за да успеат и да се задржат на функционерските места. Вештините се учат попатно” исткна Пешевкса во интервју за магазинот за Туризам и Менаџмент.
Пешевска е дипломиран инженер-технолог е мажена и мајка на три деца.
Мотивот за влез во политика ѝ бил предизвикот за промени, можност за професионален раст, учење и надградување. Во политиката интензивно е активна, тоа значи 12 години речиси по цел ден, а член во партијата е 19 години. Речиси 8 години е пратеник во Собранието. Патем била три години потпретседателка на Унијата на жени на ВМРО–ДПМНЕ во Гази Баба, потоа пет години претседателка на УЖ Гази Баба и веќе четврта година претседателка на УЖ на републичко ниво.
„Притоа, жената на функција во исто време е и домаќинка и мајка. Рамнотежата се постигнува со поддршка и разбирање од семејството. Дополнителен бенефит за семејството е добрата економска состојба на жената, нејзиното активно вклучување на пазарот на трудот во која било област придонесува и за нејзин поквалитетен и поисполнет живот. Плус придобивка за општеството“, вели Пешевска.
Во Шведска е забранета работата на парламентот по 17 часот за да може жената како мајка да има свој придонес во семејството. На прашањето дали сме далеку од тој закон и дали со нивната активност ќе се обидат да сменат нешто, Пешевска посочува дека би сакала како мајка да има повеќе време со семејството и секако би се борела за таков закон да се донесе и кај нас.
„Иако ангажираноста на жената не зависи само од нејзината работа, посебно во политиката. Односот на жената-политичарка се гради уште од семејството. Ако е таа прво пример во семејството, станува пример и во партијата, а потоа и во општеството. Зависи и од лидерот, кој за среќа во нашата партија ни дава целосна слобода и секоја функција е голем простор за работа, докажување и надградување. Христијан Мицкоски е претседател што не попречил никого во дејствувањето и во нашето учество и во меѓународни конференции, напротив, нѐ мотивира да учествуваме секаде. Со тоа поттикнува креативност и мотивација за уште повеќе да работиме“, појаснува Пешевска.
Има неколку жени политичарки за идоли. Една од нив е Маргарет Тачер поради нејзината цврстина, став, мудрост и прецизност во искажувањето.
„Од истокот Индира Ганди, која покажа ретка храброст во едно многу комплицирано општество. Ангела Меркел, германската канцеларка, која функционираше во неколку големи кризи во Европа. Фасцинирана сум од некои жени кои беа своевремено први дами, а некои од нив потоа и многу политички активни, како Хилари Клинтон, Мишел Обама. Од оние кои лично ги познавам, Дорис Пак, бивша европратеничка и политички активна неколку децении, 20-ина години претседателка на жените во Европската народна партија, Маријана Петир, бивша европратеничка, сега пратеничка во Хрватскиот сабор и голема пријателка на Македонија. Последниве години фасцинантна и многу динамична кариера има Роберта Метсола, претседателката на Европскиот парламент“, открива Пешевска, која очекува голема победа на следните избори и која вели дека се подготвени за тоа. Време е да почнат да се менуваат работите на подобро во државата. Пешевска има моќна порака до сите жени.
„Секоја жена да биде вклучена во процесот на носење одлуки на кое било ниво, интегрирана во општеството преку својата работа и ангажман. Бидете тимски играчи, опкружете се со успешни жени, тие не се ваша закана туку ваша додадена вредност. Најдете време за себе, за семејството и за пријателите“, апелира Пешевска.