Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти, Демири ќе чека да завршат изборите

Приватните специјализанти утрово го продолжија генералниот штрајк што беше започнат вчера. Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната владина седница, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството, тие ќе одлучат за понатамошните чекори.
Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување на бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на нивниот работен статус.
Вчера попладне тие имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денес по владината седница ќе има информација во писмена форма за нивните барања.
-Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.
Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.
Од Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден преку прес-конференција побараа трпение од приватните специјализанти и најавија дека по изборите ќе се направат напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во ЈЗУ.
-Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини.