Нацрт законот за американската помош за Украина се очекува да биде гласан неделава

Спикерот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Мајк Џонсон, неделава ќе свика одделно гласање за новата помош на Украина и Израел. Претходно нацрт-законот предвидуваше едно гласање за оваа меѓународна воена помош, но тоа беше пречка во усогласувањето.
Оваа одлука на спикерот да се гласа по прашањето за помошта на Украина ги зголеми шансите за излез од ќорсокакот во кој се најде Конгресот уште од октомври, кога претседателот Бајден повика итна помош за одбраната на Киев од Руската инвазија.
Помошта за Украина, Израел и Тајван ќе биде разделена на четири одделни нацрт-закони и како што изјави Џонсон „тоа може да се случи уште неделава“. Ова се случува по скоро три месеци откако Сенатот гласаше за првичниот законски проект што ги опфаќаше сите три зејми во едно решение.
Спикерот изјави дека долниот дом ќе разгледа четири нацрт-закони, од кои три за помош на земијте, а четвртиот за националната безбедност на САД и очекува средба со колегите од Републиканската партија.
-Знаеме дека светот гледа во нас, да види како реагираме. Луѓето следат по тоа дали Америка може да застана во одбрана на своите сојузници, заштитувајќи ги своите интереси низ целиот свет. И ние тоа ќе го направиме, изјави тој.
Влијанието на Џонсон врз републиканското мнозинство се засили откако, Доналд Трамп во говор викендов во неговиот ресорт Мар-а-Лаго во Палм бич, Флорида изрази поддршка за идејата на Џонсон.