09/06/2025

Афера „ПИПЕРГЕЈТ“: Фон дер Лајен се соочува со обвиненија за кронизам

Изминативе недели една од главните теми на разговор во неофицијалните кругови на институциите на ЕУ е именувањето на германскиот европратеник Маркус Пипер за европски претставник за мали и средни претпријатија.

Маркус Пипер е малку познат на пошироката јавност, но важи за исклучително влијателен во редовите на неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ). Круговите се разбрануваат затоа што најавата за неговото именување на новата должност дојде само неколку денови пред ЦДУ да ја објави својата поддршка за кандидатурата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен за втор мандат на функцијата, како главен кандидат на десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП).

Дополнителен проблем настана по објавувањето на „инсајдерски информации“ дека двете противкандидатки на Пипер за функцијата, Мартина Длабајова – Чешка и Ана Стелингер – Шведска, наводно покажале за 30% подобри резултати на тестовите во постапката за селекција.

Повеќе медиуми поклопувањето на добивањето поддршка за Лајен од нејзината матична партија и именувањето на Пипер го оценија како „сомнително“, а дополнително објаснување побараа и членови на ЕК, што доведе до целиот случај да биде наречен афера „Пипергејт“.

Писма со „критичка содржина“ за ова прашање до Лајен упатиле високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел, како и еврокомесарите Тјери Бретон, Паоло Џентилони и Николас Шмит. Шмит, Борел и Џентилони доаѓаат од редовите на партии членки на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), а Бретон од Ренесанса на францускиот претседател Макрон, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“. Дополнително, Шмит е главен кандидат на СД и со тоа е директен ривал на Урсула фон дер Лајен на претстојните избори, пренесуваат медиумите.

Во целата приказна, минатата недела се вклучи и ЕП кој ја повика Лајен да го поништи именувањето на Пипер и побара да се спроведе „вистински транспарентна и отворена процедура“ при назначувањето на европски претставник за мали и средни претпријатија.

Даниел Фројнд, германски европратеник од редовите на Зелените дури посочи дека Пипер бил избран единствено затоа што е член на ЦДУ, иако двете други кандидатки за таа функција се покажале како „поквалификувани“.

Лајен засега не реагираше јавно на овие реакции, но обвинувањата за кронизам и фаворизирање на својот сопартиец би можеле да влијаат на нејзиниот углед, особено во пресрет на евроизборите закажани за јуни.

Професорот по европска политика од Католичкиот универзитет во Лувен, Стивен Ван Хеке во изјава за белгиска телевизија оцени дека ваквите напади врз Лајен не претставуваат изненадување.

– Фон дер Лајен е водечка фигурата на кампањата на ЕПП и во пресрет на европските избори ќе биде користена секоја грешка што таа ќе ја прави, вели Ван Хеке.

Според Хеке, критиките на сметка на Лајен се „делумно оправдани“, бидејќи не претставува никаква новост еврокомесарите на одредени функции да назначуваат свои сопартијци.

Хеке додава дека „за разлика од системот во Белгија“, еврокомесарите имаат мали кабинети и немаат многу простор за вработување и именување. Според него, ако Пипер бил ангажиран само во кабинетот на Лајен неговиот мандат би истекол во октомври, а на овој начин тој би останал на функција неколку години.

Хеке смета дека именувањето на Пипер не треба да се гледа само како на кронизам, бидејќи е можно тоа да претставува политички потег на Лајен.

– Тоа е можеби сигнал до ЦДУ дека таа сака да стави поголем акцент на интересите на малите и средните претпријатија во рамките на нејзината европска политика. Но, за тоа е многу доцна. Тоа е како да признаете дека всушност сте обрнале премалку внимание на ова прашање во изминатиот период на функцијата, забележува Ван Хеке.

Споделете