08/06/2025

ДИК вчера на седница ги заклучи Избирачките списоци за парламентарните и за претседателските избори.

На полноќ заврши рокот за поднесување на кандидатските листи за изборите за пратеници закажани на 8 мај.

Според информациите на ДИК, листи за пратеници за сите шест изборни единици вчера до 22 часот поднеле коалициите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Храбро за Македонија предвордени од ГРОМ, коалиција за Македонска ера – трета сувереност, Европски фронт предводен од ДУИ, партиите ЗНАМ, Работничка партија, Родина, Аваја за ИЕ 3,4,5 и 6, Твоја за ИЕ 1,2,3 и 4.

11 парламентарни избори во Македонија се редовни и ќе се одржат на 8 мај, а кандидатите се во трка за 120 пратенички места во собранискиот состав за 2024 – 2028 година.

Во изминатиот период политичките партии ги промовираа носителите на листите за пратеници, листите, како и програмите за парламентарните избори.

Редоследот на гласачките ливчиња ќе биде ист за претседателските и за парламентарните избори, додека за останатите партии ќе се изврши дополнително жребување во ДИК, согласно последните измени на Изборниот законик.

За парламентарните избори гласање во дијаспората нема да се спроведува, додека за претседателските избори ќе се гласа.

Од ДИК вчера на седницата го заклучија Избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори.

Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1.815.350, додека пак за претседателските избори 1.814.317 избирачи.

Собирањето на потписи за претседател на претстојните избори кое започна на 23 февруари ќе трае до полноќ.

Во избирачките места со помалку од десет избирачи, гласањето ќе се спроведе во најблиското избирачко место со запишани над 10 гласачи.

Првиот круг претседателски избори е закажан на 24 април, додека вториот круг се очекува да се одржи на 8 мај, односно истовремено со парламентарните избори.

Изборната кампања за претседателските избори почнува утре, а завршува на 22 април, додека пак, кампањата за парламентарните избори започнува на 18 април и ќе трае се до 6 мај.

Вчера, претседателските кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Максим Димитриевски, Бујар Османи, Арбен Таравари и Билјана Ванковска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, додека Стевче Јакимовски одби да го потпише поради тоа што беа откажани мастер дебатите на претседателските кандидати.

– Навистина е чудно на локални избори одиш на три дебати каде што разговараме за канализации, водоводи и паркови, а кога разговараме за битни државни прашања да немаме ниту една дебата. Мене ми е жал што јас ова го кажувам. Кодексот ќе го почитувам, меѓутоа ако немаме дебати, нема да го потпишам, рече Јакимовски.

Останатите кандидати ставија потпис и се обврзаа кампањата да ја водат согласно Кодексот, иако дел од нив изразија доза на скептичност и реагираа што мастер дебатите кои требаше да се одржат, се откажани.

Членот на ДИК Борис Кондарко на почетокот на 92. седница во процедурално обраќање посочи дека ДИК не организира политички јавни дебати, не ги определува правилата на игра и нема да дозволи никакви влијанија и мешање ниту на партиите, ниту на кандидатите.

– ДИК не е ниту политичка партија, ниту политички противник на кој било од кандидатите и со оваа реакција нема намера да им прави никаква промоција, но мора да реагира и не може да премолчи, затоа што од дел од кандидатите беа изнесени директни напади, притисоци и невистини за работата и одлучувањето на ДИК, рече Кондарко.

За овие избори карактеристично е исто така што изборите ќе се одржат со апарати за биометриска идентификација на гласачите, како и дека ќе бидат во работен ден односно во среда. 

Споделете