Приватните специјализанти излегуваат на протест

Приватните специјализанти денес со почеток во 11:00 часот ќе одржат мирен протест пред Министерството за здравство со барањата за покачување надоместокот, здравствено осигурување и регулирање на нивниот работен статус, најавија од Здружението на лекари специјализанти.
Како што информираат, нивните барања до министерот за здравство се покачување на месечниот надомест, којшто во моментов изнесува 26.000 денари на ниво на моменталната просечна плата во Република Македонија и понатамошно усогласување на нивната плата со просечната плата во државата.
Од Здружението исто така бараат сите приватни специјализанти да добијат здравствено осигурување и да им се регулира работниот статус, бидејќи во моментов се водат како невработени лица, со договор на дело, без стаж во текот на шест години, колку што трае специјализацијата, наведуваат од Здружението на лекари специјализанти.