Три деца загинаа во украински напад врз Доњецк

Три деца ги загубија животите во напад врз Доњецк, град во источна Украина кој е под контрола на руските сили, изјави утринава градоначалникот Алексеј Кулемзин.
„По варварскиот ноќен напад на украинските нацисти во населбата Петрровски од нашиот град, една куќа беше погодена и запалена. Убиени се три деца“, напиша Кулемзин на Телеграм.
Нападот се случува на денот кога почнуваат претседателските избори во Русија, кои ќе траат се до недела, во кои се очекува победа на актуелниот претседател на Русија, Владимир Путин.
Гласањето се одржува во четири украински региони припоени со Русија во 2022 година и делумно контролирани – Запорожје, Херсон, Доњецк и Луганск.
Украинската дипломатија вчера повика на отфрлање на резултатите од гласањето, кое го опишува како „фарса“.