09/06/2025

Макрон: Европа мора да се подготви за војна доколку сака мир

Францускиот претседател, Емануел Макрон, вчера изјави дека Европа мора да се подготви за војна доколку сака мир. Нарекувајќи го рускиот претседател Владимир Путин противник кој нема да застане во Украина, доколку Русија излезе како победник во војната.

Тој предизвика контроверзии минатиот месец, откако изјави дека не може да ја исклучи можноста за испраќање на војници во Украина во блиска иднина, што поттикна многу лидери да се дистанцираат, додека пак, лидерите од источна Европа ја изразија својата поддршка.

Откако француските опозициски лидери ги критикуваа неговите коментари, Макрон во телевизиско интервју наменето за француската публика изјави „Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе падне на нула“.

„Ако војната се прошири во Европа, Русија ќе биде виновникот. Но, ако одлучиме да бидеме слаби, ако одлучиме денес да не одговориме, тоа е како веќе да избираме пораз. А, јас не го сакам тоа“, додаде тој.

Тој додаде дека Франција не е во војна со Русија и дека никогаш нема да иницира напад врз Русија и покрај фактот што Русија започна агресивни напади против француските интереси во и надвор од Франција.

„Режимот на Кремљ е противнички“, изјави тој, одбивајќи да ја нарече Русија непријател. Тој исто така рече дека нуклеарните закани на Путин „не биле соодветни“.

Макрон напомена дека Украина е во „тешка“ ситуација на теренот и дека е потребна силна поддршка од сојузниците.

„Мирот не значи капитулација на Украина. Да се сака мир не значи пораз. Да се сака мир не значи да се откажеме од Украина“, додаде тој.

Макрон, исто така истакна дека не ја откажал планираната посета на Украина од безбедносни причини. „Тоа го кажа Русија. Не треба да им верувате“, додаде тој.

Споделете