09/06/2025

ЕУ со нови правила за политичкото рекламирање

Советот на ЕУ вчера усвои нова регулатива за транспарентост и таргетирање на политичкото рекламирање, чија цел е спротивставување на манипулирањето со информации и надворешното мешање во изборите.

Новите правила се однесуваат на политичкото рекламирање при избори, референдуми или законодавен процес на ниво на Европската Унија или во земја членка на Унијата. Тие нема да се однесуваат на содржината на рекламите или на останатите аспекти на политичкото рекламирање, како што се спроведувањето на кампањите, кои пак се регулирани со специфични национални правила и закони на земјите членки на ЕУ.

Оваа регулатива треба да им донесе олеснување на граѓаните да ги препознаат политичките реклами, да дознаат кој стои зад нив и да знаат дали биле изложени на таргетирани реклами, со цел да можат да донесат информирана одлука врз основа на веродостојни информации. Дополнително, овие правила треба да обезбедат целосно почитување на правото на приватност при политичко рекламирање, како и заштита на слободата на мислење и говор.

Содржините за кои одговорноста е регулирана со други прописи, како лични ставови и мислења не се предмет на одредбите на оваа регулатива.

Согласно усвоените правила, политичките реклами мора јасно да бидат идентификувани како рекламна политичка содржина и да биде наведен нарачателот и за кој изборен или референдумски процес се однесуваат. Исто така, тие треба да содржат информации и за платените износи за нив, како и информации за употреба на техники на таргетирање.

Целното политичко онлајн рекламирање ќе биде дозволено само под строги услови. Што значи дека се забранува користење на податоци за политичко рекламирање без експлицитна и посебна согласност, како и употреба на информации за расно или етничко потекло, како и политички мислења за целно таргетирање.

Со цел спречување на странско влијание, три месеци пред избори или референдум се забранува давање на рекламни услуги на спонзори од трети земји.

Регулативата ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на ЕУ, но повеќето од нејзините одредби ќе почнат да се применуваат 18 месеци по стапувањето во сила, односно во текот на есента 2025 година.

Оваа регулатива ќе стапи на сила 20 дена по објавување во Службениот весник на ЕУ, но повеќето од одредбите ќе почнат да се применуваат по 18 месеци од стапувањето на сила, односно од есента 2025 година, се вели во извештајот на Советот на ЕУ.

Споделете