МААЕ бара Русија да ја напушти нуклеарната централа Запорожје

Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ја изгласа резолуцијата со која се бара Русија да се повлече од нуклеарната централа Запорожје (ЗНПП).
Тоа е вкупно четврта резолуција на МААЕ со која се осудуваат руските дејствија во нуклеарните постројки во Украина.
„Резолуцијата беше усвоена со мнозинство гласови“, објави мисијата на Украина во Меѓународната агенција за атомска енергија на платформата Икс.
Во целосниот текст се наведува дека одборот бара „итно повлекување на сиот воен и друг неовластен персонал од украинската ЗНПП и објектот веднаш да биде вратен под контрола на релевантните украински власти“.
Одборот исто така, „ја повтори својата силна загриженсот што Руската Федерација не ги послушала претходните повици да го повлече својот воен и останат персонал од ЗНПП“, се вели во соопштението на МААЕ.
Шесте реактори во централата се исклучени, но сè уште ѝ треба постојано напојување за да го одржува ладно горивото во реакторите и да се спречи потенцијално катастрофално топење.
МААЕ, која има мал број на свои вработени во Запорожје вели дека безбедноста таму останува сè уште несигурна.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирање во близина на нуклеарната централа.