08/06/2025

Семејното насилство во пораст, сторителите ретко завршуваат во затвор

Во 2022 година е забележан пораст од 61 отсто на примените пријави за семејно насилство, во споредба со 2018 година. Најчести жртви, околу 80 проценти се жени, додека 92 отсто од сторители се мажи, информираат од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Со тоа, нема промена во однос на родовата припадност на релација жртви – сторители.

Ваквите состојби во врска со семејното насилство ги покажува инфографиконот на Државниот завод за ревизија изработен во рамките на кампот за родови податоци кој се одржал во Измир, Турција, организиран од канцеларијата ОН жени во Македонија.

Според инфографиконот, сторителите ретко добиваат казна затвор. Во 2019 година само 24 отсто од сите пријавени случаи на семејно насилство завршиле на суд. Сторителите биле казнети само во 15 проценти од овие случаи, а само во три отсто од случаите била изречена казна затвор.

До 2022 година процентот на сторители на семејно насилство на коишто им била изречена казна затвор се намалил на само еден процент.

Најчести сторители се интимни партнери, сегашни или поранешни – 63 отсто. Изненадувачки е тоа што втората најголема група на сторители се синовите со 16 проценти.

– Целта на кампот беше да се подигне свеста за користење на родовите податоци и да се постигне поголема родова еднаквост во насока на исполнување на целите за одржлив развој, додаваат од ДЗР.

За потребите на финалниот проект, вработените од ДЗР заедно со тимот направиле анализа врз основа на официјални податоци од Министерството за внатрешни работи во врска со семејното насилство односно колку има пријави на семејно насилство, колкав број од жртвите се жени, колку од ваквите случаи завршуваат во судовите како и колку од нив завршуваат со казна затвор.

Овие податоци, од ДЗР велат дека треба да служат како поттик за превенција и борба против семејното насилство и сериозни заложби за спречување на семејното насилство како преку превентивни мерки така и преку ефикасни судски разрешници.

Споделете