Зеленски: Доцни помошта за Украина, додека на некои фронтови е исклучително тешко

Украинскиот претседател, Володомир Зеленски, вчера во своето видео обраќање изјави дека ситуацијата на некои фронтови е исклучително тешка.
– Ситуацијата е исклучително тешка на неколку точки на линијата на фронтот, каде што руските сили имаат концентрирани максимални резерви. Тие го користат доцнењето на помошта за Украина, посочи Зеленски, додавајќи дека на украинските сили им недостасува артилерија, и треба воздушна одбрана за линијата на фронтот, како и оружје со поголем дострел.
Според него, Киев со своите партнери работи со максимални напори за да ја обнови и зголеми поддршката за Украина.
Тој исто така им се заблагодари на своите сонародници, украинските компании и партнерите на Украина кои веќе произведуваат оружје, гранати, беспилотни летала и системи за електронско војување во Украина.
Руската армија е во активна офанзива во јужна и источна Украина и неодамна го освоија утврдениот град Авдеевка во Доњецкиот регион, што е прва нивна поголема победа по завземањето на Бахмут во мај минатата година.