Законот за дигитални услуги на ЕУ почнува да важи за сите интернет платформи

Одредбите од Законот за дигитални услуги (ДСА) на Европската Унија од денес стапува на сила и ќе важи за сите онлајн платформи кои имаат корисници во земјите членки на ЕУ. Досега оваа обврска за почитување на Законот ја имаа само оние социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за електронска трговија, кои врз основа на одредбите минатата година Европската комисија ги прогласи за „многу големи онлајн платформи“ велат европските медиуми.
Од обврската за почитување на овие одредби се ослободени само малите и микро претпријатија кои вработуваат помалку од 50 лица и чиј годишен обрт на средства е помал од 10 милиони евра.
Според извршниот претседател за Европа прилагодена на дигиталната ера, Маргарете Вестагер, почетокот на почитувањето на обврските на ДСА од страна на сите платформи претставува голема пресвртница во одразувањето на основните принципи и вредности на Европската Унија.
– Корисниците, земјите членки и платформите сега можат да ги користат алатките во рамките на ДСА за да формираат побезбеден и потранспарентен онлајн свет, истакна Вестагер.
Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон посочи дека ЕУ е целосно мобилизирана за да обезбети имплементација на одредбите од ДСА и ги охрабрува сите земји членки да ги максимизираат новите правила.
– Ефикасното спроведување е клучно за заштита на нашите граѓани од нелегалните содржини и за поддршка на нивните права, додаде Бретон.
Целта на ДСА е да го направи интернетот просторот побезбеден, поправеден и потранспарентен, се со цел да се заштитат корисниците од ЕУ од нелегални производи и содржини на онлајн платформите.
Согласно Законот, онлајн платформите се должни јасно да ги посочат илегалните содржини, производи и услуги, да преземат мерки за заштита на малолетниците, да забранат емитување на реклами кои ги таргетираат корисниците врз основа на политички или верски убедувања и сексуални преференции, како и да ги информираат корисниците за причините за отстранување на некоја нивна содржина или суспензија на налозите или профилите и да им овозможат пристап до алатки за поплаки и да доставуаат извештаи за начините на следење на објавените содржини најмалку еднаш годишно.
Покрај онлајн платформите, Законот предвидува и правила за хостинг услугите, како и за онлајн посредниците, односно за давателите на интернет услуги или домени. Овие категории се предмет на подгрупа на обврски според ДСА.
Кон крајот на август минатата година, овие одредби почнаа да важат за 19 социјални мрежи, страници за електронска трговија и пребарувачи со над 45 милиони корисници од ЕУ месечно, кои во април беа прогласени за „многу големи онлајн платформи“. Дополнително, овој статус во декември им беше доделен на уште 3 интернет платформи.
Согласно ДСА, секоја земја членка треба да именува нацонален координатор за дигитални услуги, кој во улога на независен регулатор ќе биде задолжен за следењето и почитувањето на Законот на нивната територија.
Во пракса, овие координатори би требало да бидат првото ниво за поплаки за прекршување на ДСА од страна на платформите, да именуваат независни субјекти за експертиза во откривањето, идентификувањето и известувањето за илегалните содржини на интернет, како и да имаат овластување за спроведување на истраги за усогласеноста на Законот и да изрекуваат мерки и казни за предизвикување сериозна штета во јавната сфера.
Одборот ќе биде консултиран за спроведувањето на Законот и ќе дава совети за прашањата поврзани со него и може да придонесе за насоки и анализи. Тој, исто така, ќе помогне во надзор на „многу големите онлајн платформи“ и ќе издава годишни извештаи за истакнатите системски ризици и најдобри практики за нивно ублажување. Првиот состанок на Одборот треба да се одржи в понеделник.
ЕК заедно со координаторите ќе формираат независна советодавна група наречена „Европски одбор за дигитални услуги“, што треба да осигура доследна имплементација на ДСА и дека корисниците низ ЕУ ќе ги уживаат истите права, без оглед на тоа каде се воспоставени платформите.
Според најавите, ЕК идниот месец треба да донесе насоки за мерки за намалување на ризикот за изборните процеси, а во април ќе одржи јавна консултација за подготовка на акт за пристап до податоци, кој би требало да се освои до почетокот на јули. Во мај, ЕК планира да усвои и Акт за исработка на обрасци за извештаите за транспарентност.