Албанските опозициски партии ќе потпишат Декларацијата за обединување

Опозициските партии од албанскиот блок на македонската политичка сцена денеска во Скопје ќе потпишат Декларација за обединување со која ќе настапат на престојните претсетателски и парламентарни избори.
Потписи на декларацијата ќе стават лидерите на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари и опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП)- Изет Меџити на Демократското движење, Африм Гаши на Алтернатива и Билал Касами на Движењето Беса.
Претседателот на АА, кој е и градоначалник на Гостивар, Таравари завчера објави дека ќе биде кандидат за претседател на државата. Неговата кандидатура, како што рече, е предлог на Претседателството на АА, со поддршка од ЕСП. Најави дека ќе се кандидира со доставување на 10.000 потписи, кои очекува да ги собере за два дена.