08/06/2025

Јован Митрески утре ќе се ги распише претседателските избори

Претседателот на Собранието утре (среда, 14 февруари) ќе ги распише претседателските избори, а се консултира со собраниските служби дали истовремено да бидат распишани и парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај.

Тој вели дека доколку не се распишат истовремено изборите секако би ги почитувал уставните рокови, а тоа е 70 дена од денот на одржување на редовните парламентарни избори.

-Претседателските избори ќе бидат распишани на 14 февруари затоа што тоа е моја уставна обврска, обврска што произлегува од Уставот. Во Уставот пишува од 70 до 90 дена од одржувањето на избори. Фактички првиот круг на претседателските избори е 24 април, што значи 70 дена назад тоа е 14 февруари и тогаш ќе бидат распишани претседателските избори. Се уште не сум донел одлука дали во исти ден ќе се распишат и редовните парламентарни избори. Правам некои консултации со службите во Собранието. Ако нема пречка зошто тоа не би го направил и во истиот ден, рече Митрески.

Во однос на член на Државната изборна комисија, до каде се тие разговори и дали може да се очекува да добиеме нов член на Државната изборна комисија? Секако до распишувањето на изборите нема можност за тоа, но еве да речеме во следниот период.

-Видете, во движењето на работите низ Собранието велиме до распишувањето дека не може, ама можеби и да дојде до изгласување ако се постигне консензус помеѓу сите пратенички групи, односно политички партии. Имав предлог, моментално работата е закочена на Комисијата за избори и именување каде што има два предлози. Мојот предлог беше двата предлози да дојдат до пленарната седница, да се разгледуваат на пленарната седница, да се отвори дискусија и да се затвори дискусијата до моментот на одлучување, односно до гласање затоа што избор на член на Државната изборна комисија се врши со двотретинско мнозинство, треба 80 пратеници. Ако сум информиран, ако добијам информација дека е обезбедено двотретинско мнозинство за еден од членовите тогаш предлогот би го ставил на гласање за да го обезбедиме и последниот член во Државната изборна комисија.

Исто горливо прашање кое што е поврзано со изборите е и Изборниот законик, односно стана веќе прашање Изборниот законик во согласност со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. Што е со овие измени?

-Знаете дека Изборниот законик се менува со консензус. Очекувам да се постигне консензус помеѓу сите пратенички групи. Имам информации дека се водат преговори, дека се блиску до консензус посебно во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР не сум слушнал досега дека има какви било забелешки. Сигурно таму се отвораат и други прашања за коишто се чека да се обезбеди консензус. Очекувам од пратеничките групи да дадат предлог за измени на Изборниот законик барем таму каде што имаат консензус, барем тоа да бидат забелешките на ОБСЕ/ОДИХР да бидат ставени во предложениот изборен законик. Кога ќе го добијам како текст потпишан од сите координатори на пратенички групи што би значело потписот на сите координатори значи обезбеден консензус тогаш веднаш тој предлог би го ставил на наредна седница за да може да се изгласа до денот на одржување на изборите. Иако препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врзани со датум и кога би требало да се донесат измени на Изборниот законик, меѓутоа имајќи ја праксата од претходните изборни циклуси или измените на Изборниот законик во претходни изборни циклуси каде што на пример во 2020 година сме имале измени на Изборниот законик на самиот ден на распуштање на Собранието, така што кога и да дојде предлогот ќе го ставам веднаш да се разгледува на седница на Собрание за да се донесе конечна одлука.

Споделете