09/06/2025

Експерти oд ОН ги осудија целните напади врз медиумите во Појасот Газа

Петмина известувачи на ОН денеска ги осудија целните напади врз медиумите во Појасот Газа, истакнувајќи оти тоа е „намерна стратегија“ со цел да се замолчат новинарите.

– Нападите и убиствата на новинари претставуваат воени злосторства … Нападите врз медиумите во Појасот Газа и ограничувањата на пристапот на други новинари во комбинација со сериозни нарушувања на интернет претставуваат големи пречки за правото на информирање, се наведува во извештајот.

Според информациите со кои располага ОН, повеќе од 122 новинари и медиумски работници се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната меѓу Израел и милитантната Хамас по нападот на 7 октомври врз јужен Израел предводен од горе наведената палестинска исламистичка организација.

Припадниците на Хамас убија четворица израелски новинари на 7 октомври, а тројца либански новинари беа убиени во израелско гранатирање во близина на либанската граница.

Покрај тоа, израелските сили уапсија десетици палестински новинари во Појасот Газа и во Западен Брег.

Известувачите изразија загриженост поради тоа што новинарите биле нападнати иако нивните јакни и шлемови биле јасно означени со „прес“ или додека се возеле во јасно обележани возила.

Се чини дека тоа сугерира дека нападите се намерна стратегија на израелските сили да ги попречат медиумите и да го замолчат критичкото известување, заклучуваат експертите на ОН.

Споделете