Судењето на родителите на Коста Кeцмановиќ ќе биде затворено за јавноста

Таткото на момчето убиец Коста Кецмановиќ заплакал кога ја здогледал мајката Милјана на денешното прво рочиште во Вишиот суд во Белград. Родителите биле доведени некаде околу 11 часот. Подоцна, на излегување од судот им било дозволено да се гушнат и двајцата прснале во плач.
На самиот почеток на судењето настана прекин кога в.д. обвинителот на Вишото јавно обвинителство побарал главниот претрес да не се пренесува јавно поради заштита на малолетници. Со други зборови, судењето на родителите на Коста Кецмановиќ ќе биде затворено за српската јавност.
Од друга страна, адвокатот Боривоје Боровиќ, кој ги застапува родителите на Коста, побара судењето да биде отворено за јавноста и посочи дека нема да имаат прашања за децата.
Мајката Милјана Кецмановиќ заедно со сопругот Владимир е обвинета дека му дозволила на својот 13-годишен син да користи оружје. Нејзината ДНК беше најдена на еден од испуканите куршуми од пиштолот „Чешка збројевка“. Ова е нејзино прво појавување во јавноста откако се случи масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“.
На 3 мај минатата година Србија се зави во црно откако во училиштето Кецмановиќ со огнено оружје во сопственост на неговиот татко усмрти десет лица, меѓу кои и свои соученици, а повреди шестмина.
Мајката се товари за кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, додека таткото Владимир за кривично дело против општата безбедност.
На судењето се и сопственикот на стрелиштето каде момчето вежбало стрелање, Ратко Ивановиќ и тренерот Немања Маринковиќ од стрелачкиот клуб „Партизан практично стрелање“.
„Постои сомневање дека една година пред трагедијата, таткото го обучувал синот (13) да ракува со огнено оружје и да пука во статични цели. Постои сомнеж дека тој го ноесл синот три пати во Стрелачкиот клуб и во отворениот простор на Етно селото „Угостителство“ во Мионица“, соопштија претходно од Вишото јавно обвинителство во Белград.