08/06/2025

Никогаш непрежален: На денешен ден е роден Тоше Проески

На денешен ден во Прилеп е роден Тоше Проески. Тој својата музичка кариера ја започнал со настапот на фестивалот „Макфест“ – 1997 година.

Патот кон неговата ѕвездена кариера му го отвараат песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998) година, исто така тој беше и претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул каде го освојува 14-то место. Истата година, Проески беше именуван за регионален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ и по тој повод тој ја издава песната „За овој свет“.

Тоше Проески имал издадено седум студиски албуми: „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007).

Песните од албумот „По тебе“ по само неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во регионот, а неговиот албум „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се ДВД изданија од неговите концерти во 2004 и 2006 година. Едни од најпознатите негови хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце не е камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други.

Проески ги привршувал студиите на Музичката академија во Скопје и работел на својата музичка кариера во светски рамки.

Својот последен концерт во Македонија тој го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје, тој исто така бил хуманитарен концерт со намена за обнова на основните училишта во Македонија. Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.

Владата на Република Македонија, постхумно го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во негова чест во Крушево е изграден меморијален центар со неговото име.

Споделете