Бени Шаќири нов директор на МКЦ

По објавениот конкурс, музичарот Арбен (Бени) Шаќири е новиот директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Од центарот дури денеска дознале за исходот од конкурсот, иако решението за директорската позиција е изработено пред скоро две недели.
„Решението на Шаќири е од 10 јануари. Тој дојде денеска на работа со решението, а кандидатите, ниту МКЦ како институција меѓувремено не се известени за назначувањето. Рокот од осум денови за жалба е пробиен, а, со тоа, поминато е и времето за жалба на другите кандидати. Правото на жалба не е испочитувано“, велат од МКЦ.
Назначувањето на Шаќири го потврди и градоначалничката Данела Арсовска преку СДК. Засега чекаме одговори од Град Скопје по кои критериуми е избран, што го одвојува од останатите кандидати и зошто решението е од 10 јануари, а дури денеска се известени од Центарот и воопшто јавноста.
Според процедурата на конкурсот, Управниот одбор на МКЦ ги доставува апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, а услов, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5-годишно работно искуство во областа на културата.
Покрај Шаќири, кандидатура поднесе и продуцентот и филмски работник Никола Мадиќ, но и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.
Инаку денеска, 22 јануари, се одбележува точно една година од музичкиот-протестен собир пред МКЦ, каде стотици млади порачаа „Културата е скапа, некултурата поскапа“. Таквото движење „Сите за МКЦ“ се роди откако Центарот информираше дека програмскиот буџет значително им се крати, а постоечкиот в.д. директор, Ванчо Богоев, е сменет од позиција бидејќи не подлегнал на притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување токму за Бени Шаќири.
Потоа Центарот стана мета на обвинувања за незаконско работење од Арсовска, а МКЦ обвинувањата ги окарактеризира како неосновани и паушални, додека во Центарот како директор влезе детективот Никола Алексов.
Управниот суд во текот на минатото лето пресуди дека Арсовска незаконски го назначила детективот Алексов за директор на МКЦ, а потоа Антикорупциска комисија побара кривичен прогон на градоначалничката. Дури потоа беше објавен конкурс за нов директор.
Првземено од МОФ.