09/06/2025

Штрајк на возачите од ЈСП: Нема автобуски превоз додека не им се исполнат барањата

Денеска граѓаните имаа јавен превоз до 9 часот, а потоа автобусите на ЈСП се повлекоа до очекување на одлуката на седницата на Советот на Град Скопје за исплата на декемвриската плата и на субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието. Редовно ќе сообраќаат само комбињата за лица со посебни потреби и автобусите кои вршат организиран превоз на ученици за кои ЈСП има договор со училиштата и општините.

Миќо Стојановски – претседателот на Синдикатот на ЈСП, појаснува дека со тоа ќе им се излезе во пресрет на учениците да стигнат до училиштата, со оглед на почетокот на второто полугодие и на вработените да стигнат до работните места.

– Ќе се вклучат 270 автобуси на ЈСП на сите линии и ќе сообраќаат до 9 часот, а потоа се враќаат во авто-базите и ќе останат таму се додека не се донесе одлука на седницата на Советот на Град Скопје за субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието. Доколку средствата легнат уште денеска на сметката на ЈСП, истиот ден ќе биде воспоставен јавниот превоз, изјави Стојановски.

Тој најави дека во 10:30 часот значителен дел од вработените на ЈСП ќе бидат пред вратите на Советот на Град Скопје, каде ќе ја чекаат одлуката за субвенциите на јавниот градски превоз.

Тој додаде и дека нема да прифатат половични одлуки, но очекуваат да биде донесена одлука за целиот износ на субвенциите од 11 милиони евра, кои треба да овозможат редовна исплата на платите за вработените за тековната 2024 година.

-Ако советниците не донесат одлука за исплата на целосниот износ на субвенциите, остануваме на ставот да нема превоз. Не чека изборна година во која поради законски ограничувања, повторно е можно одлагање на одлуките за субенциите за претпријатието и доцнење на платите, а тоа нема да го дозволиме, подвлекува Стојановски.

Вонредната седница на Советот на Град Скопје на која како единствена точка на дневен ред е одлуката за субвенциите од 11 милиони евра за ЈСП, е закажана во 11 часот. Ова е четврти пат како одлуката за субенциите на ЈСП се става на седница на Советот на Град Скопје.

Споделете