09/06/2025

Данела Арсовска избрана за нов претседател на политичката партија Нова Алтернатива

Со едногласна одлука на сите делегати на политичката партија Нова Алтернатива, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вчера беше избрана за нов претседател на партијата.

Таа по нејзиното избирање за претседател на партијата истакна дека време е политиката да биде натпревар на идеи, проекти, методи и понуда со подобар живот.

– Време е политиката да биде натпревар на идеи, натпревар на проекти, да биде натпревар на методи и понуда на подобар живот наспроти досегашното поимање на истата како начин на стекнување на привилегии и брзо збогатување. Политиката не смее да биде извор на раздор, на поделби, таа треба да биде точка на зближување и мост за надминување на сите проблеми преку дијалог.

Арсовска информираше дека партијата Нова Алтернатива ќе има 4 постулати врз кои ќе се заснова правдата, ослободување на економијата од корумпираниот капитал и воведување на еднакви можности, борбата против криминалот и корупцијата и целосна дигитализација на јавната администрација. Таа додаде дека од наредната недела ќе ги започнат активностите на партијата околу изборот на органите и програмата.

Ова се нашите основни постулати:

Правда! Вековниот стремеж на Македонецот за своја сопствена држава, впрочем е и вековен стремеж за правда, затоа што државата е таа која треба да им гарантира праведност, правичност и еднаквост на сите наши граѓани пред Законот. За жал, македонските политички елити во изминатите 33 години независна македонска држава, не успеаја да го остварат вековниот стремеж на Македонецот за правда. Не дека не можеа, јас повеќе би рекла дека не сакаа. Оттука довербата неслучајно во македонскиот правосуден систем е на рекордно најниски 3%. Речиси и да нема истражување на јавното мислење во кое како најголем предизвик во земјава не се посочува токму недостатокот на правдата и правичноста. Прва наша задача е целосна реевалуација на правосудниот систем, од начинот на избирање на судиите, јавните обвинители, нивната работа, транспарнтност и отчетност. Истото треба да биде преку непосредни избори и тоа за сите до највиоските правосудни инстанци. Со непосредни избори граѓаните ќе имаат целосен увид во биографиите на кандидатите и да го ценат нивниот интегритет и нивниот кредибилитет. Единствено на овој начин ќе постигнеме целосна независност, целосна автономија и се она што е важно за нас граѓаните, да имаме луѓе кои ќе одлучуваат без политички или било какви други притисоци.

Само така ќе успееме да го ослобдиме правосудниот систем од партиските стеги.

Вториот постулат е ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал, воведување на еднакви можности.

Во изминатите 33 години Македонија мина низ транзиција и се трансформира во едно квазикапиталистичко општество коешто доведе до екстремно богатење на мала група на моќници и осиромашување на 90% од македонското население. Затоа, оваа точка од нашата визија е зголемување на економските слободи и целосна дерегулација, но и силна антимонополска политика. Доволно државата се користеше како промотор и како заштитник на картелите на македонската олигархија. Се поставуваат бариери намладите, на оние кои се просперитетни претприемачи кои можат да го остварат својот потенцијал. Втората точка е политика на рамни даноци кои ќе значат привлекување на странски инвестиции во државата но исто така и помали давачки за нашите успешни претприемачи.

Третата е кратење на бирократските процедути и на онаа папирологија која навистина е оптоварување на работата на приватниот сектор, затоа што токму бирократијата е пречка за многумина да се охрабрат и да преземат иницијативи за нешто ново, а не е нивното незнаење или пак немање искуство.

Третиот постулат е борбата со корупцијата и криминалот.

Го имаме лекот за ракот на македонското општество кое од денот на независноста континуирано е проблем поради алчноста на една мала група на луѓе кои државата ја гледаат како бескраен извор на личен профит. Во Македонија никој не презема сериозни чекори за да се донесе Законот за потекло на имот. Три децении, три генерации на политичари ветуваат дека ќе се справат со корупцијата и криминалот и овие ветувања траат само во кампања. Потоа, си паѓа договор за меѓусебна амнестија и се заборава на она што било ветено во предизборието.

Затоа, актуелниот естаблишмент и овој корумпиран политички систем се плашат од нова визија врз којашто немаат контрола, а исто така со истата не можат да направат договор за амнестија од криминалот.

Потребно е забрзување на правните процедути преку интервенција во Кривичниот законик што ќе спречи било каков обид на застарување на овие случаи за криминал и корупција и организирано она што се случува во државата, а тоа е колективна пљачка.

Четвртиот постулат на Нова Алтернатива е целосна дигитализација на јавната администрација.

Користењето на новите технологии ќе дестимулира криминал и корупција и ќе го минимизира влијанието на човечкиот фактор во сите постапки. Тоа е токму она коешто за сите граѓани е навистина неопходно.

Последниот постулат инкорпорира неколку идеи во една, а тоа е спречување на иселување на нашите граѓани во државата со особен фокус на младите, заштита на македонскиот идентитет и членство во Европската унија.

Арсовска во изјава за медиумите информира дека партијата Нова Алтернатива ќе учествува на претстојните парламентарни избори и посочи дека за нив остануваат отворени сите опции за коалицинирање.

-Сите опции ни се отворени, тоа е нешто за коешто треба нормално да се разговара. И во овој момент сметам дека е премногу рано Нова Алтернатива да можеме генерално и дадеме ваков одговор, меѓутоа она коешто го знаеме е дека ќе учествуваме на претстојните парламентарните збори. Имаме многу од нашите граѓани коишто не поддржуваат, коишто знаат за какви лица се работи кои можат да дадат многу за иднината на нашата земја, рече таа.

На новинарско прашање дека политичката партија Нова Алтернатива досега коалицираше со СДСМ, Арсовска одговори дека на конвенцијата партијата донела одлука за да излезе од коалицијата.

-На конвенцијата Претседателството донесе една практично одлука со којашто се излегува од коалицијата. Нормално, партијата ќе ги пресметува своите следни чекори и ќе размислува што е она што сакаме да го направиме и ќе ги гледаме програмските активности. Она кое што го слушнавте денеска како постулати и нема друг начин да се соработува со никого, доколку не ги прифати постулатите што ги застапуваме. Самите слушнавте дека тоа е нешто кое што е навистина исклучително важно. Нешто коешто го застапуваме и во коешто искрено веруваме. И затоа во овој момент како нова политичка сила верувам дека ќе можеме да придонесеме и тоа ќе го правиме независно сами, рече Арсовска.

Споделете