09/06/2025

Мицкоски: Алармантна е состојбата во издавањето на пасошите, Уставен суд нека ја уважи иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ да ја продолжи важноста

Ценевме дека парламентот е простор како законодавен дом каде што оној кој што го предложил оној закон во 2021 година за промена на патните исправи и возачките дозволи има можност и сега да поднесе измени, откако јасно е на сите дека така како што е замислен тој процес нема да оди. Го оставаме тој простор тие да бидат тие кои што ќе се корегираат за грешката која што ја имаат направено, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата Анализа на телевизија 24, потенцирајќи дека тие поднеле иницијатива до Уставниот суд за продолжување на важноста на патните исправи и возачките дозволи.

Мицкоски посочи дека по сето она кое што се случува во текот на издавање на патните исправи и возачките дозволи, Уставниот суд треба да ја уважи иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на важноста на истите се со цел како што рече тој да се намали тензијата кај граѓаните.

-Од друга страна како одговорна политичка партија цениме дека Уставниот суд е оној орган кој е највисок во државата, и треба да даде свое мислење независно од мислењето на политичките партии. Ние како ВМРО-ДПМНЕ цениме дека тој има можност да интервенира веднаш имајќи го во предвид сето она кое што се случува во процесот на издавање на патните исправи и возачките дозволи. И цениме дека Уставниот суд доколку сака може веднаш, како тоа што го правел неколку пати во минатото, да се состане, и да донесе мерка со која што тој закон ќе го стави вон сила, а после некое време ќе ја цени и уставноста односно да ја цени иницијативата која што ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дадовме за да може да се намали тензијата, истакна претседателот Мицкоски.

Мицкоски укажа дека според информациите со кои располагаат уште милион и 300 илјади граѓани треба да ги променат патните исправи, но дека во моментот има некаде околу 30.000 обрасци кои што ги има министерството, и 10.000 кои што се двојазични на албански јазик, што нема да бидат доволно, а нови се очекуваат да пристигнат дури во март.

-Според нашите информации некаде околу милион и 200 илјади патни исправи до овој момент се издадени отприлика од 2 милиони и 500 илјади колку што вкупно се издадени и треба да се променат согласно тој закон, што значи дека еден милион и 300 илјади треба допрва да се променат. Имајќи го во предвид капацитетот, цениме дека е потребно најмалку година дена да се заврши на овие милион и 300 илјади на процесот на сликање. Е сега тука се појавува уште еден предизвик со информациите со кои ние располагаме има некаде околу 30.000 обрасци кои што ги има министерството, и 10.000 кои што се двојазични на албански јазик. Тоа значи дека сите оние моментално кои што се во процес на сликање, тогаш ќе се исцрпи капацитетот на моментално расположливите обрасци, а нови нема бидејќи тие ќе стигнат во март, изјави тој.

Мицкоски додаде дека цени дека состојбата е алармантна, како и дека ова е понижување и малтретирање за граѓаните.

-Цениме дека ова понижување и малтретирање кое им се случува на граѓаните Уставниот суд е добра територија каде може да се надмине, а од друга страна парламентот го оставаме на владејачкото мнозинство бидејќи тие се мнозинство, доколку тие донесат предлог закон тој ќе се донесе, бидејќи ние сме опозиција, објасни тој.

Споделете