Скопје на 75 место според задоволство од живтотот на граѓаните

Скопје се најде на 75-то место од 83-те града опфатени со истражувањето, со 72 отсто задоволство на граѓаните, односно скопјани не се задоволни од условите за живот. Нешто подобро од нашиот главен град се рангирани унгарскиот Мишколц (74 проценти) и црногорската Подгорица (77 отсто), а понезадоволни од скопјани според условите за животот во нивниот град се жителите на Рим (71 проценти), Белград (69 отсто), Неапол и Тирана (по 66 отсто), Истанбул и Атина (по 65 проценти) и на самото дно е Палермо со 65 отсто.
Од друга страна на врвот е Цирих со 97 проценти задоволство, пред дански Копенхаген и холандски Гронинген со по 96 отсто, полскиот Гдањск, германскиот Лајпциг, шведскиот Стокхолм и швајцарска Женева со по 95 проценти и германскиот Росток, романскиот Клуж-Напока и португалската Брага со по 94 проценти задоволство.
Скопје е на претпоследното место според оценката дали квалитетот на животот во градот е зголемен во споредба од пред 5 години. Само 13 отсто скопјани оцениле дека квалитетот на животот во Скопје е подобар отколку пред пет години. Полошо е пласиран единствено Рим, каде само три проценти од жителите сметаат дека состојбата е подобрена изминатите пет години.
Нешто позадоволни од скопјани се жителите на Болоња со 14 отсто, на Стокхолм и Минхен со по 15, на Барселона и Торино со по 16, на Малме и Дортмунд со по 17 и на Берлин со 18 проценти.
Околу 90 отсто од жителите на ЕУ изразуваат задоволство од начинот на живот во нивните градови, покажуваат резултатите од Извештајот на Унијата за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година. Но, сепак вакво задоволство не споделуваат и жителите на градовите од Балканот, вклучително и скопјани, како и на неколку европски метрополи.
Оценките се вршени според повеќе критериуми, како степенот на задоволство од севкупниот начин на живот, условите за безбедно движење ноќе и за можностите за наоѓање вработување, финансиската состојба на домаќинствата, квалитетот на јавниот транспорт, воздухот, културните случувања и здравствената заштита, пристапот до зелени површини, степенот на корупција на јавна администрација, како и условите за живеење на повозрасните лица, припадниците на ЛГБТИК заедницата и на мигранти од други земји.