08/06/2025

Новогодишна честитка од Димитар Ковачевски

Новогодишната честитка на претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја пренесуваме во целост:

Среќни празници!

На сите граѓани, им посакувам добро здравје, среќа, радост и спокој.

Оставаме зад нас уште една година која не беше воопшто лесна. Но сепак, треба да сме горди на постигнатото. Во најтешката криза работевме напорно, посветено и фокусирано за да го направиме животот подобар и за сите да имаат повеќе. И најважно од сè, никој не беше оставен сам!

Има пред нас простор да направиме и уште повеќе, да биде уште подобро, платите и пензиите да продолжат да растат, а на најранливите директно и солидарно да им помогнеме. Затоа што тоа се вистинските и македонски и европски вредности.

И затоа во овој момент, најмногу е потребна верба, оптимизам и мудрост. Ни треба целото знаење со кое располагаме, за да ги постигнеме целите кои се пред нас.

Нашата предност, наша најголема вредност и најсилна страна се луѓето, нашите граѓани. Затоа што имаме капацитет, имаме знаење, имаме волја да ги направиме следните чекори. Европскиот пат на кој сме тргнати, е започнат, и не застанува. Мора да гледаме напред, мора да се движиме напред.

Токму европскиот пат ќе донесе развој и подобро утре. Пат и цел кои ќе ни овозможат врвна демократија, социјална правда, функционално владеење на правото.

Јас верувам во тоа и во тој дух, и со позитивна мисла, Вам и на Вашите семејства Ви ги честитам новогодишните и Божиќните празници!

Благодарност до сите кои во овие празнични мигови се на работните места и се грижат за нашето здравје и безбедност.

Среќна Нова 2024 Година!

Споделете