09/06/2025

Завршни зборови на одбраната за несреќата кај Ласкарци

Според адвокатката Сузана Абдурахими, бранителка на второобинетиот Ремзи Мифтари, одговорен за транспорт во фирмата „Дурмо Турс“ ниту еден доказ не докажал дека се исполнува битието на обвиението што му се става на товар на обвинетиот.

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која над 30 лица беа повредени, а 16 го загубија животот.

Како што е најавено, на денешната расправа, завршен збор треба да даде одбраната на четвртообвинетиот, Горан Дуковски, петтообвинетиот, Јане Боварски и шестообвинетиот Маноил Трифуновски.

На претходното рочиште завршни зборови даваа бранителите на второ и третообвинетите Ремзи Мифтари и Игор Ѓорѓиевски.

Бранителката на третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски, адвокатката Ружа Томеска, потенцираше дека јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека Ѓорѓиевски го сторил делото што му се става на товар и побара ослободителна пресуда.

Второ и третообвинетите се приклучија кон завршните зборови на нивните бранители.

На претходната расправа завршни зборови дадоа и јавниот обвинител, Дарко Јакимовски и бранителите на првообвинетиот, сопственик на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули.

Јакимовски побара најстрога казна за обвинетите за автобуската несреќа. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и само било прашање на време по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.

Најстрога казна побараа и родителите и роднините на загинатите во сообраќајната несреќа.

Бранителите на првообвинетиот, во завршните зборови наведоа дека во постапката не се докажало ниту едно дејствие за кое е обвинет сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, во чиј автобус при незгодата загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.

Споделете