Дали Хамас и Исламски џихад одбиваат да ја предадат власта во Газа за трајно примирје?

Хамас и сојузниците од движењето Исламски џихад го одбиле египетскиот предлог да се откажат од власта во Појасот Газа во замена за траен прекин на огнот, пренесува Reuters повикувајќи се на два неименувани извори од Египет.
Милитантните движења заколнати непријатели на Израел, кои водад одвоени разговори со египетските посредници во Каиро, одбиле да понудат било какви отстапки освен можното ослободување на повеќе заложници земени на 7-ми октомври кога борците ненадејно го нападнаа јужниот дел на Израел и киднапираа речиси 240 луѓе.
Египет предложил „визија“, која што била поддржана од посредниците од Катар, којашто би вклучувала прекин на огнот во замена на повеќе заложници, додека во крајна линија би довела до поширок договор кој би вклучувал траен прекин на огнот со промена на палестинската власт во Појасот Газа.
Вчера саудискиот телевизиски канал Asharq News, цитираше извори запознаени со темата на разговорите и објави дека Египет составил договор во три фази за прекин на борбите помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, како и за ослободување на заложниците кои ги држи исламистичкото движење. Иницијативата од три фази била покрената на разговорите одржани претходната недела во Каиро меѓу египетските претставници и делегацијата на Хамас.
Според овој извор, првата фаза, вклучува прекин на огнот од најмалку 2 седмици во кои Хамас би ослободил 40 израелски заложници – жени и деца, како и постари лица кои се болни. За возврат Израел би ослободил 120 Палестинци, исто така жени и деца од своите затвори, проследено со прекин на непријателствата и прстап на хуманитарна помош во Појасот Газа. Во текот на втората фаза, биле предложени разговори во палестинскиот кампус за создавање палестинска технократска влада која ќе управува истовремено и со Појасот Газа и на Западниот Брег, се вели во извештајот на каналот.
Третата и конечна фаза, според извештајот, повикува на целосен прекин на огнот и т.н „сеопфатен“ договор за ослободување на сите израелски војници кои ги држи Хамас и другите палестински радикални фракции, во замена за палестински затвореници во Израел. Во текот на последната фаза, израелската војска ќе се повлече од Појасот Газа, а на раселените жители од Појасот Газа ќе им биде дозволено да се вратат во своите домови во палестинската енклава.
Египет предложил и одржување на избори со гаранции за Хамас дека неговите припадници нема да бидат процесуирани, но исламистичкото движење ги одбило сите отстапки освен ослободувањето на израелските заложници. Се проценува дека во Газа сѐ уште околу 100 израелски заложници.
Функционер на Хамас, кој бил во Каиро, одбил за Reuters да ги коментира конкретните понуди до движењето за повеќе привремени хуманитарни примирја и го отфрлил предлогот.
„Хамас настојува да ја прекине израелската агресија против нашиот народ, масакрите и геноцидот, а ние со нашите египетски браќа разговаравме за начините како тоа да го сториме“, рекол неименуваниот функционер на движењето за Reuters.
„Рековме, исто така, дека помошта за нашите луѓе мора да оди подалеку и мора да се зголеми и мора да допре до сите жители на северот и на југот (на Појасот Газа). Откако ќе се запре агресијата и ќе се зголеми помошта, подготвени сме да разговараме за размена на затворениците“, додал соговорникот од Хамас.
Од Исламски џихад, кој исто така има израелски заложници како што наведуваат од Reuters, го повторил ставот на Хамас.