Ферари потврди: Матија Биното поднесе оставка како директор на тимот

Утринава Ферари објави дека Матија Биното ќе ја напушти директорската функција на тимот на Ферари на крајот на годината, ставајќи крај на неколкунеделните шпекулации.
Биното, кој првично му се придружи на Ферари како инженер за мотори во 1995 година, ја презеде улогата на спортски директор пред сезоната 2019. По тешките сезони 2020 и 2021, Ферари ја искористи промената на целосно новите регулативи на Ф1 за да се појави како водечка сила освојувајќи 1-2 резултат со пилотите Шарл Леклер и Карлос Сајнз на отворањето на сезоната 2022 во Бахреин.
Сепак, по уште неколку успеси на почетокот на сезоната, предизвиците за титулата на Леклер и Ферари беа исфрлени од колосек преку комбинацијата на возачки грешки, несигурност и мешање на стратегии – заедно со немилосрдноста на нивниот ривал Ред Бул.

Првичните извештаи за структурна промена во Ферари беа демантирани во италијанските медиуми, но дополнителни шпекулации се појавија по финалната трка во Абу Даби, за утринава Скудерија да објави соопштение дека Матија Биното поднел оставка.
Во објавата се вели: „Процесот за избор на нов тимски директор на Скудерија Ферари е во тек и одлуката се очекува да биде финализирана во новата година“.
„Изразувам искрено жалење, но морав да ја прекинам соработката со Ферари“ – рече Биното.
„Ја напуштам компанијата што ја сакам, во која сум дел 28 години и со спокојство што произлегува од убеденоста дека сум вложил максимални напори за да ги постигнам поставените цели“.
„Оставам обединет и растечки тим. Силен тим, подготвен и сигурен сум дека ќе ги постигне највисоките цели за кои им посакувам сѐ најдобро во иднина. Мислам дека ова е правилниот чекор да се преземе во овој момент колку и да е тешка оваа одлука.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе во Скудерија Ферари кои го споделија ова патување со мене, составено од тешкотии, но и од големо задоволство“ – се вели во објавата на Биното.

Извршниот директор на Ферари, Бенедето Виња, додаде: „Би сакал да му се заблагодарам на Матија за неговите многубројни големи придонеси во текот на 28 години со Ферари, а особено за тоа што го врати тимот на позиција на конкурентност во текот на изминатава година.
„Како резултат на тоа ние сме во силна позиција да го обновиме нашиот предизвик, пред сѐ за нашите неверојатни фанови ширум светот, да ја освоиме главната награда во мотоспортот.
„Сите во Скудерија и во пошироката заедница на Ферари му посакуваат на Матија добро во иднината“. – рече Виња.