08/06/2025

Македонија го загуби единственото место во Лигата на Шампиони на ЕХФ

Македонскиот ракомет го загуби загарантираното место што го имаше во групната фаза од Лигата на Шампионите како резултат на слабите резултати што нашите клубови ги имаа во елитното европско натпреварување, но и во останатите европски купови во последните неколку години.

ЕХФ го објави најновиот ранкинг за распределба на местата во европските купови за наредната сезона.

На оваа ранг-листа Македонија бележи огромен пад од осмата на тринаесеттата позиција, а ако се знае дека директно место во ЛШ има само за осумте најдобри земји, јасно е дека новиот првак на Македонија е предалеку од директно место во елитното европско натпреварување.

Секако, постои опција за учество во ЛШ преку вајлд-карта, но и тоа е  малку веројатно со оглед на резултатите на македонските клубови сезонава и oсумте порази во првите осум натпревари на нашиот првак Еурофарм Пелистер.

Значајна причина за големиот пад е и ланското неиграње на Вардар во ЛШ, откако „црвено-црните“ во последен момент беа исфрлени од ждрепката од ЕХФ поради долговите што ги направи претходната управа на клубот.

Новиот ранкинг значи дека Македонија ќе има две места во Лигата на Европа на ЕХФ, од кои шампионот речиси сигурно ќе има загарантирано место во групната фаза, а вицепрвакот најверојатно ќе треба да игра едно квалификациско коло.

Споделете