09/06/2025

Ќе има ли барем тридневен прекин на огнот во Газа?

На конференцијата во Париз, на која присуствуваа делегации од околу 50 земји, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека наскоро мора да следи „хуманитарна пауза во борбите“.

Додека израелските сили секојдневно вршат напади врз стотици цели, а сирените за воздушни напади се слушаат и во крајбрежниот израелски град Ашдод, западните медиуми јавуваат дека се водат преговори за тридневен прекин на огнот во Газа. Американската новинска агенција АП, како и британски Гардијан, повикувајќи се на неименувани функционери на Египет и на Обединетите нации, тврдат дека Катар, САД и Египет се посредници во разговорите и дека преговараат за време на паузата да бидат ослободени десетина израелски заложници што ги држи Хамас. Договорот за „хуманитарниот прекин на огнот“ треба да овозможи и испорака на повеќе помош и гориво до Појасот Газа. Францускиот претседател исто така рече дека мора брзо да следи „хуманитарна пауза во борбите“ и дека цивилите мора да бидат заштитени.

„Тоа е неопходно и не може да се преговара. Тоа е итна потреба“, рече Емануел Макрон на конференцијата за Газа во Париз, на која присуствуваа делегации од околу 50 земји, вклучително и САД, Јордан и земјите од Персискиот залив, како и претставници на невладини организации и Обединетите нации.

Сѐ повеќе се зборува и за управувањето со Појасот Газа по војната и дека египетскиот претседател наводно го одбил предлогот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Каиро да го преземе привременото безбедносно управување. Тајмс оф Израел пишува дека Абдел Фатах ел Сиси подвлекол дека Египет нема да игра улога во елиминирањето на Хамас, кој сега ја има власта во оваа енклава. Египетскиот претседател во вторникот се сретна со директорот на ЦИА во Каиро, кога го повторил својот повик за итен прекин на огнот за да се заштитат цивилите и да се обезбеди непречен протек на хуманитарна помош. Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Фолкер Турк го упати истиот апел за време на обиколката на граничниот премин Рафа. Турк го нарече овој премин спасоносен пат за 2,3 милиони луѓе, но го опиша и како неправедна и безобразно тенка нишка за спас. Тој посочи дека од 7 октомври има извршено воени злосторства од двете страни, а го критикуваше Израел за, како што наведе, илегалната присилна евакуација на цивили.

Додека по само повеќе од еден месец војна се зборува макар и за тридневна пауза, Западниот Брег „врие“, како што рече генералниот комесар на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци Филип Лазарини, изразувајќи загриженост за ризикот од прелевање на конфликтот. Тој исто така посочи дека помошта што доаѓа преку Рафа е несоодветна и дека треба да се отворат сите премини во Газа.

Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одговара дека нема да има хуманитарна пауза додека не се ослободат заложниците што ги држи Хамас.

И либански Хезболах се заканува со контраофанзива, додека сириските државни медиуми јавуваат дека Израел повторно извршил воздушен напад врз воени локации на југот на Сирија.

Во меѓувреме, палестинските цивили продолжуваат да бегаат од север кон југ откако Израел побара од нив од северниот дел да заминат кон југот на енклавата додека копнените сили продираат во областа. Во оваа прилика се огласи потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, и предупреди дека ОН не смеат да помагаат во прогонот на Палестинците од нивните домови. На конференцијата за Газа во Париз тој нагласи дека ОН не можат да бидат дел од едностраниот предлог за „туркање на Палестинците во таканаречените безбедни зони“. Гардијан пренесува дека и директорот на организацијата „Лекари без граници“ на оваа средба споменатите безбедни зони ги нарекол лажни зони бидејќи околу 30 отсто од убиените загинале на југот од енклавата. Според официјалните податоци на Министерството за здравство во Газа, од 7 октомври досега се убиени најмалку 10.569 Палестинци, меѓу кои 4.324 деца, а трипати повеќе се ранети.

Во Париз, палестинскиот премиер Мухамед Штаје побара меѓународна заштита, нагласувајќи дека Израел не води војна против Хамас, туку против сите Палестинци.

Споделете