09/06/2025

Арапскиот свет лут на Бајден за поддршката на Израел

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден доби остри предупредувања од американските дипломати во арапските земји дека силната американска поддршка за воената кампања на Израел во Газа доведува до растечки гнев кај целовкупната арапска јавност кон официјален Вашингтон, објави Си-Ен-Ен.

Американските дипломати изразија длабока загриженост поради зголемениот гнев кон САД, откако Вашингтон го поддржа правото на Израел да се брани по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој загинаа повеќе од 1.400 Израелци.

Во дописот од американската амбасада во Оман во средата, се наведува дека силната американска поддршка за акциите на Израел во Газа се смета за соучесништво на САД во она што се смета за можни воени злосторства.

Телеграмата од амбасадата во Оман е испратена до Советот за национална безбедност на Белата куќа, ЦИА и Федералното истражно биро (ФБИ).

Во друга телеграма, до која дојде Си-Ен-Ен од американската амбасада во Каиро, Вашингтон беше пренесен коментар објавен во државен египетски весник дека, како што е наведено, „суровоста на претседателот Бајден и неговата негрижа за Палестинците ги надминаа сите претходни американски претседатели“.

Споделете