Албанската опозициска Демократска партија со пиротехника, чад и натрупување на собраниски столчиња ја блокираше седницата

Чад и хаос во албанскиот парламент.
Албанските опозициски пратеници од Демократската партија, предводени од поранешниот премиер Сали Бериша повторно не дозволија оддржување на пленарна седница на албанскиот Парламент.
Тие денеска први влегоа во пленарната сала и, покрај присуството на припадници на Националната гарда, сепак, ја „затрупаа“ говорницата со столчиња и сето тоа директно го пренесуваа на социјалната мрежа Фејсбук.
Претседателката Линдита Никола не успеа да ја почне седницата бидејќи салата беше исполнета со чад од пиротехнички средства, па затоа по 20 минути мораше да каже дека седницата е одложена.
Ова е уште еден потег на опозициските пратеници од крилото на Бериша (45 од 59 опозициски пратеници) да не дозволат нормален тек на седницата, најавувајќи дека тоа ќе се прави сè додека не се исполнат нејзините барања: формирање анкетни комисии, вклучување во комисијата за изборни реформи, мнозинството да се откаже од мешање во внатрешните случувања на опозицијата.
-Граѓанската непослушност продолжува и денеска, мирниот протест на опозициските парламентарци со ускратени уставни права. Овој парламент 18 месеци по налог на Еди Рама не дозволува формирање на анкетни комисии со кршење на Уставот. Еди Рама не може да ги прифати нив бидејќи тие прво ќе ги откријат членовите на неговото семејство кои добиле тендери и јавни средства на користење. Еди Рама не може да ги прифати овие комисии бидејќи е инкриминиран и се однесува како шеф на криминална организација, рече меѓу другото Бериша.
Попусти беа и апелите на Таулант Бала, пратеник и министер за внатрешни работи, кој побара од пратеницте „да не стануваат живо месо за интерес на лице прогласено за непожелно во САД и Обединетото Кралство и под истрага од СПАК“.