ФА нема да го казни Луис Дијаз поради апелот за ослободување на неговиот татко

Англиската фудбалската федерација (ФА) со која раководи Принцот Вилијам, нема да го казни фудбалерот на премиерлигашот Ливерпул, Луис Дијаз, кој на вчерашниот натпревар во Премиер лигата ја покажа маичката под дресот на која била испишана порака колумбиските киднапери да го ослободат неговиот татко.
Дијаз, кој на премиерлигашкиот дуел против Лутон (1-1) го постигна израмнувачкиот гол во судиското продолжение, под дресот носел маичка на која била испишана пораката „Слобода за тато“ (Libertdad Para Papa).
Родителите на Дијаз на крајот на минатиот месец ги киднапираа вооружени членови на бунтовничката Национална ослободителна армија (ЕЛН) во мало гратче на северот на Колумбија на границата со Венецуела.
Колумбиската полиција успеа неколку часа подоцна да ја ослободи мајката на Дијаз, Сиренис Маруланда, но неговиот татко сè уште е во заложништво на киднаперите.