Лео Меси ја освои осмата „Златна топка“!

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси по осми пат е избран за најдобар фудбалер на годината и на свечената гала во Париз пак ја крена „Златната топка“!
Аргентинскиот виртуоз минатата година го исполни животниот сон и повторно ја врати својата нација на светскиот врв. Со освојувањето на трофејот од Мундијалот, Меси ја комплетира својата „збирка“ на титули во разни натпреварувања.
Се работи за најдоминантниот фудбалер во изборот на „Франс фудбал“, бидејќи Меси претходно го доби признанието во 2009, 2010, 2011, 2012, 2015, 2019 и 2021 година. Аргентинецот го остави Кристијано Роналдо далеку зад себе, бидејќи тој има пет признанија за најдобар светски фудбалер (2008, 2013, 2014, 2016 и 2017), додека зад нив следат Мишел Платини , Јохан Кројф и Марко ван Бастен со по три.

Тој исто така ја искористи приликата да му се заблагодари на Диего Марадона по добивањето на Златната топка.
– Денес би сакал да го спомнам Диего. Нема подобро место да му честитате роденден. Има толку многу луѓе овде кои го сакаат фудбалот како што тој сакаше. Каде и да си Диего, среќен роденден. Оваа награда важи и за тебе, изјави Меси.