08/06/2025

Бујар Османи: Ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени, ќе оставиме тие да одлучат кога ќе бидат изборите

„Ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме тие да одлучат кога ќе бидат изборите, кога и да сакаат – денеска, утре, задутре, веднаш после изгласување на уставните измени. Мислам дека ова е фер понуда од наша страна“,рече министерот за надворешни работи одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Годишната конференција за сајбер/ИКТ безбедност насловена „Луѓе, доверба, отпорност: Градење сајбер безбедност за сите“.

На дополнително прашање што доколку ВМРО-ДПМНЕ опстои на цврстиот став против уставните измени, кој датум за изборите догодина би бил прифатив за власта и дали смета дека претседателските и парламентарните избори треба да бидат заедно, Османи изјави дека во таков случај треба да бидат земени предвид редовните термини, а другото се технички прашања и логистички пресметки.

„Во тој случај мислам дека редовните термини треба да бидат земени предвид и веќе останува прашање на технички и логистички пресметки по однос на одржување на изборите отколку политички проценки. Политичка проценка е оваа понуда – нека ги изгласаат уставните измени ќе оставиме тие да одлучат за денот на избори, кога и да сакаат и за претседателските и за парламентарните избори. Доколку не, одиме на редовни избори. Дали ќе бидат заедно или одвоено е веќе прашање на логистика, техника и повеќе проценки на политичките партии да најдеме одреден консензус“,изјави шефот на дипломатијата и висок функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Споделете