08/06/2025

ИГОР ЏАМБАЗОВ И ГУРУ ХАРЕ БЕНД СО СЛАВЕНИЧКИ КОНЦЕРТ ВО ФИЛХАРМОНИЈА

Фото: Дневноинфо.мк

Со концертот во саботата во Скопје, Игор Џамбазов и неговиот музички гуру, Игор Атанасовски – Харе прославија 30 години од нивната соработка.

„Минатата година останав сирак, годинава останав ерген, се надевам дека следната година ќе останам нормален“, се пошегува Џамбазов во негов стил и искоментира и за неговата претходна врска.

„Ми дадоа отказ од планинаркото друштво“, кажа Џамбазов, кој ги испеа најголемите хитови,„Труба“, „Да си жив и здрав“, „Диши длабоко“, а воедно ја претставија и новата песна „Пеј“. Игор Атанасовски- Харе кажа дека овој концерт е насловен „Првите 30“, а за вторите 30 ќе видиме.

Актерот на концертот го прослави и својот 60.роденден, а воедно го посвети на татко му, маестро Александар Џамбазов кој почина минатата година. Најемотивен дел од самиот концерт беше кога за маестро Џамбаз, бендот ја отсвире песната „Ако умрам ил загинам“.

„30 години со ова чудо од човек. Ако го сменат законот, ќе си се земеме. На Роберт и на Панки во прво одделение им тргна детето. Драги мои, во сета оваа калакурница на нашата сцена, заедно со ‘Макфест’, заедно со Скопски Џез фестивал, заедно со сите други големи ѕвезди кои ќе настапуваат во оваа Филхармонија, се најде простор и за нас. Однапред Филхармонијо, прости за сѐ лошо што ќе слушнеш вечерва“, рече Џамбазов.

„Ние не можеме да продадеме 3, 5 или 7 Филхармонии, не сме толкави ѕвезди очигледно, но вие сте одбарните“, кажа Џамбазов и го замоли бендот да станат и да се поклонат пред публиката.

Публиката го врати бендот на бис, а тие го испеаа добро познатиот хит „Време за плачење“. А на вториот бис тие го завршија концертот со „Скопје, Сарај, Матка и обратно“.

Споделете