Борел: 2030 година не мора да биде точен датум на проширување на ЕУ

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска изјави дека за време на неформалниот состанок на шефовите на држави и влади во Гранада, лидерите ќе разговараат за стратешките прашања и стратешката агенда, со фокус на проширувањето и миграцијата.
Тој додаде дека кога станува збор за проширувањето, треба да се работи на адаптиран процес за секоја земја кандидат за членство во ЕУ.
Според него, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја споменал 2030 година како датум кога ЕУ и кандидатите треба да бидат подготвени за проширување со насоки – одредувањето датум како мобилизираење политичка енергија за да се постигне напредок.
„Добро е да се има цел, хоризонт. Ова е политички хоризонт. Целта на одредувањето датум е да се мобилизира политичката енергија за да почне да се движи. Добро е да се има хоризонт и цел, но тоа не значи дека треба да биде прецизен датум. Ако немаме хоризонт, луѓето ќе почнат да мислат дека имаме време. Немаме време“, изјави Борел.