08/06/2025

СДСМ: Никој нема забелешка за предложените уставни измени, време е за глас за Европа

Во македонското Собрание утре започнува расправата за предлог измените на Уставот. Предложените уставни измени се јавно објавени и јасно се гледа дека тие дополнително го унапредуваат македонскиот устав и го зајакнуваат македонскиот идентитет, се унапредуваат основните права на деловите од народи кои живеат во нашата земјата, но и се истакнува посебноста на македонскиот народ, велат од СДСМ.

Според нив против предлог измените, никој, па дури и ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски не се изјасни против.

– Затоа, потребно е обединување околу иднината на земјата со глас за Европа во македонското Собрание. Секој кој и мисли добро на државата ќе ги поддржи уставните измени по чие усвојување веднаш ќе се отворат првите поглавја и ќе се забрза процесот на интеграција во ЕУ. По 17 години во чекалната, ги започнавме преговорите со ЕУ и не смееме на тој пат самите ние да си ставаме пречки, откако ги минавме сите предизвици, истакнуваат тие.

Тие велат да не дозволиме ситни интереси на поединци и политички кариери скапо да ја чинат државата и да влезе во нова изолација која ќе трае со години, туку низ јавна, аргументирана дебата во Собранието, измените на Уставот да бидат усвоени.

Глас за Европа е глас за подобра, посигурна и постабилна македонска иднина, стои во соопштението.

Споделете