Масовни руски ракетни напади врз речиси цела Украина

Во текот на изминатото деноноќие Русија изврши серија масовни ракетни напади врз повеќе места во Украина, соопшти Воздухопловството на вооружените сили на Украина.
„Опасност од ракетен напад беше прогласена во Суми, Полтава и источните региони поради лансирање на крстосувачки ракети од стратешките бомбардери Ту-95МС од областа на Каспиското Море“, се наведува во извештајот, пренесува Униан.
Во Л’вов, на западот на Украина, делови од ракети паднаа и врз станбени згради и има повредени, изјави Максим Козицки, шефот на регионалната администрација.
Козицки додаде дека се урнал таванот во еден од хипермаркетите, а оштетени се и возила.
На северозападот на Украина, во Луцк, погодена е и индустриска компанија, а има и повредени, изјави градоначалникот Игор Полишчук, пренесуваат украинските медиуми.
Во Дњепар избувнал пожар во компанија како последица на ракетен напад, а има и повредени, изјави шефот на регионалната администрација, Сергиј Лисак.
Опасност од ракетни напади беше прогласена и во јужниот и централните делови на Украина.