08/06/2025

Киев повторно цел на напади со дронови – Властите тврдат дека собориле 15 руски дронови

Украинската ПВО возвратила со оган на нападите на руските беспилотни летала за време на тричасовната воздушна тревога во Киев и околината рано изутринава, соопшти украинската армија.

Како што е наведено, неколку експлозии се слушнале во и околу Киев, но се уште нема официјални податоци за жртви.

Алармите во Киев и околината биле укинати околу четири часот утринава.

Според украинските власти, во последните денови од војната, руските сили не напредувале долж линијата на фронтот, „туку се вкопани во силно минирани области што ги контролираат, што го отежнува движењето на украинските војници кон исток и југ“.

Голем дел од руската воена активност е насочена кон воздушни напади кои ја оштетија инфраструктурата во украинското пристаниште Измаил.

Инаку, украинските сили започнаа масовни напади во јуни со цел повторно да ги заземат окупираните области и да извршат притисок кон југ, кон Азовското Море, односно со цел да го пресечат копнениот мост меѓу окупираната источна Украина и полуостровот Крим.

Украинската противвоздушна одбрана во текот на изминатата ноќ собори околу 15 беспилотни летала кои се движеа кон Киев, изјави утринава началникот на воената управа на Киев, Сергеј Попко.

Украинските сили „открија и уништија околу 15 воздушни цели на приодот кон Киев“, изјави Попко на Телеграм, додавајќи дека станува збор за експлозивни дронови од типот „Шахид“.

„Според моментално достапните информации, нема жртви или штети во главниот град“, додаде тој.

Воздушниот напад, 820-ти по ред врз Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, траеше три часа, прецизираше Попко.

Споделете