09/06/2025

Во Австралија се урна воен хеликоптер, 4 лица од екипажот се водат за исчезнати

За време на воена вежба, воен хеликоптер со четиричлен екипаж се урна кај брегот на Квинсленд, Австралија и оттогаш се води како исчезнат. Во тек е голема операција за пребарување, а обуката е прекината поради инцидентот.

Инцидентот се случил во петокот вечерта за време на ноќна вежба на австралиската и американската војска на островот Линдеман.

Според Би-Би-Си, австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс објавил дека операцијата за пребарување и спасување започнала веднаш. „Сè уште не ги најдовме четворицата членови на екипажот на летот“, рече тој на прес-конференција утринава.

Хеликоптерот MRH-90 Taipan се урна во близина на островот Линдеман, во Витсандејс, околу 22.30 часот по локално време, рече тој.

„Нашите надежи и мисли се со членовите на екипажот и нивните семејства“, рече тој, додавајќи дека „очајно се надеваат на подобри вести во текот на денот“. „Сè уште е рано, треба да знаеме повеќе информации за инцидентот што е можно поскоро“, рече тој.

Началникот на австралиските одбранбени сили Ангус Кембел на истата прес-конференција изјави дека тоа е „застрашувачки момент“. „Во моментов сме фокусирани да ги најдеме нашите луѓе и да им обезбедиме поддршка на нивните семејства и на остатокот од нашиот тим“, рече тој. Тој им се заблагодари на цивилните агенции, полицијата, јавноста и сојузниците на САД за нивната поддршка и помош во досегашната операција за пребарување и спасување.

Хеликоптерот MRH-90 Taipan се урна за време на обука во рамките на вежбата Talisman Sabre, најголемата билатерална воена вежба меѓу Австралија и САД. По инцидентот, властите ја прекинаа вежбата на која учествуваат и војници од Јапонија, Франција, Германија и Јужна Кореја. Вежбата се одржува втора недела, а војниците тренираа за логистика од големи размери, копнена борба, слетување амфибија и воздушни операции. Таа треба да биде завршена до 4 август.

Споделете