08/06/2025

Нови докази во истрагата за убиството на славниот рапер Тупак Шакур

Детективите претресоа дом во Хендерсон, предградие на Лас Вегас, неколку километри оддалечено од местото каде што беше убиен Шакур во септември 1996 година.

Полицијата во Лас Вегас не соопшти дополнителни детали за истрагата, велејќи дека истрагата е се уште во тек. Тупак Шакур имал само 25 години кога бил убиен. Засега никој не е уапсен и нема официјални осомничени.

Домот кој бил претресен е на помалку од 30 километри од Лас Вегас Стрип, местото каде што беше застрелан Шакур на семафор.
„ЛВМПД може да потврди дека на 17 јули 2023 година во Хендерсон, Невада е издаден налог за претрес, како дел од тековната истрага за убиството на Тупак Шакур“, се вели во официјалното полициско соопштение на полицискиот оддел во Лас Вегас. „Во овој момент нема да даваме дополнителни коментари, бидејќи истрагата е се уште во тек“.

Полицаец од Лас Вегас, Џејсон Јохансон изјави за Las Vegas Review Journal дека детективите повторно работат на „ладниот случај“. „Тоа е случај кој останува нерешен и се надеваме дека еден ден ќе го промениме тоа“, изјави Јохансон за весникот.

Шакур, чие уметничко име е 2PAC, го издаде својот деби албум во 1991 година и постигна огромен успех на топ листите со хитовите како California Love, All Eyez on Me, Changes, I Ain’t Mad at Cha и многу други.

Тој почина на 13 септември 1996 година, една недела откако беше застрелан со четири куршуми во неговиот автомобил додека чекал на семафор со шефот на „Death Row Records“, Шуг Најт, кој во моментов издржува затворска казна од 28 години за друг случај. Шакур, кој има продадено 75 милиони албуми ширум светот, постхумно беше примен во Куќата на славните на рокенролот во 2017 година, а на 7 јуни доби и своја ѕвезда на „Булеварот на Славните“ во Холивуд.

Споделете