Монсунски поплави во Јужна Кореја: Останале заглавени во тунел кој се наполнил со вода (ФОТО)

Јужна Кореја е погодена од поројни монсунски дождови со поплави и лизгање на земјиштето во кои загинаа најмалку 35 лица, а 10 се водат како исчезнати. Поројни води поплавија тунел во провинцијата Северен Чунгчеонг, оставајќи многу луѓе заробени во своите автомобили. Се стравува дека нема преживеани.

Спасувачите се обидуваат да дојдат до повеќе од 15 автомобили заглавени во поплавен тунел долг 685 метри во градот Осонг, соопшти јужнокорејското Министерство за внатрешни работи. Поројните струи кои се разграниле од надојдената блиска река ја поплавиле толку брзо што не можеле да избегаат. Возачите и патниците останале заробени во своите автомобили и не можеле да побегнат.

Досега од тунелот се извлечени девет тела, а нуркачите продолжуваат да трагаат по жртви, јавува Би-Би-Си. „Нема надеж, но не можам да заминам“, вели родителот на еден од исчезнатите.
Најпогодена е провинцијата Северен Гјеонгсанг, каде 17 лица загинаа во поплави и лизгање на земјиштето, а девет се водат за исчезнати. Станува збор за ридско подрачје каде што се предизвикани многу одрони.

Синоптичарите се уште прогнозираат обилни врнежи од дожд до среда, а метеоролошката служба предупреди дека ситуацијата е крајно опасна.
Јужна Кореја веќе беше погодена од рекордни поплави минатата година, најлоши од почетокот на евиденцијата пред 115 години. Повеќе од 10 лица загинаа.
