08/06/2025

Јорданов: Власта го кочи развојот на Општина Штип

„Власта го кочи развојот на општината, само заради тоа што градоначалникот е од друга политичка партија, но и покрај се за година и половина реализиравме повеќе проекти и по број и по финансиски обем од претходните градоначалници на СДС за цел четиригодишен мандат“, изјави Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во вчерашното гостување во емисијата „За или Против“ на Телевизија Алфа.

Тој додаде дека нема никаква причина Општина Штип да не добие можност за издавање на општинска обврзница бидејќи општината е ликвидна со добиена потврда од министерството за финансии.

„Општина Штип е првата општина која побара да и се издаде општинска обврзница и со средствата од обврзницата да инвестира директно во капитални инвестиции кои ќе генерираат вредност“, рече Јорданов.

Тој е дециден дека во сите општини и градови кога се инвестира во нови капитални проекти се бара финансирање на истите со општински обврзници.

„Директен пример дека се двојат општините е неиздавањето на општинска обврзница а во исто време на нас како локална самоуправа ни е ускратено основното право на финансирање а во исто време на други општини од редовите на владејачката партија им се доделуваат средства директно од буџетот за реализација на проектите и тоа е онаа неправда која ни дава мотив повеќе да продолжиме“, изјави Јорданов.

Тој потенцираше дека се кочи развојот на еден град заради тоа што градоначалникот е од одредена политичка партија и се казнуваат граѓаните.

„Со обврзницата планиравме да исполниме неколку проекти како обиколницата која е потребна за поврзување на едниот и другиот излез со градот, Булеварот „Партизанска“ да се продолжи и да се поврзат најголемите населби. Друг проект како приоритет од енергетската криза е поставување турбина во главниот цевковод на Исар за производство на 24/7 часовно производство на електрична енергија“, вели Јорданов.

Споделете