09/06/2025

Пронајдени остатоците од подморницата „Титан“, телата на патниците се предадени на обдукција

Американската крајбрежна стража потврди дека остатоците од авантуристичката подморница „Титан“ и како што се претпоставува, останките од телата на петте патници се пронајдени и извлечени на брегот за понатамошна истрага.

Деловите од подморницата која имплодираше на 18-ти јуни додека се спушташе кон потонатиот Титаник, како и остатоците од телата на патниците беа пренесени во пристаништето Сент Џонс, во Њуфаундленд, Канада, околу 650 километри северно од местото на несреќата.

Крајбрежната стража ќе ги транспортира до американското пристаниште каде треба да бидат анализирани од истражното тело на морнарицата кое беше формирано оваа недела и кое официјално ќе ја истражува несреќата.

Експертите ќе направат официјална анализа на остатоците од телата на патниците, кои се внимателно извадени од местото на несреќата, се додава во соопштението на крајбрежната стража, пренесува Ројтерс.

Се очекува истрагата на остатоците да ги расветли причините за имплозијата на подморницата со која петте лица се упатија кон Титаник.

Делови од подморницата, која изгубила контакт со бродот околу час и 45 минути по почетокот на двочасовното нуркање, биле пронајдени на длабочина од околу четири километри на дното на океанот, на околу петстотини метри од бродот Титаник.

Споделете